Во 70-тите години на дваесетиот век , во ова село живееле 1.500 жители, селото располага со голем атар од околу 50 квадратни километри...
ДУЊЕ – селото на Чучук Митра
Заборавени македонски села
Во 70-тите години на дваесетиот век , во ова село живееле 1.500 жители, селото располага со голем атар од околу 50 квадратни километри ,на него пасиштата заземаат површина од 2.500 хектари, на обработливо земјиште 1.500 хектари , на шуми 1.000 хектари шуми.
Податоците говорат дека во с Дуње во 80- години на 20-век се напасувале околу 10.000 грла овци и друг крупен и ситен добиток. И денеска егзистираат над 10.000 крушови ( кантарки, калем ) и над 5.000 јаболкови стебла . Во 70- години на минатиот век се одгледувале над 40.000 пењушки лозје.
Врз основа на стручна проценка , во ова село напуштените околу 2.000 хектари земјиште можат да се преориентираат во вештачки тревни површини , кои би биле пристапни и погодни за механизирано производство . Се отценува дека вешташките тревници можат да обезбедат просечно производство од околу 6.000 килограми сено по хектар и 5.000 килограми зелен подраст , погоден за есенско пасење.
Ниту знак ниту патоказ , само кривулест земјен тампониран не асвалтиран селски пат од неколку километри води до мариовското село Дуње. Дуње е едно од многуте камени села во мариовско , распослано на дуњскиот рид , дуњската висорамнина во прилепско Мариово. Тргнав да го посетам и ова убаво мариовско село , надалеку попознато по песната “ По пат одам леле , за пат прашам….кој пат води леле , за Мариово… село Дуње…Таму седи леле …Чучук Митра ….бојџиката”.
Кога доаѓав во селото десно од патот ме пресретнаа две-три куќи , лево две-три плевни , пред мене шест-седум , а горе над селото према ридот уште печес трла и два три булуци овци кои пасеа по празните дуњски пасишта. Додека одев по патот и пред да влезам в село , на пат ме пресретнаа шеесет годишниот Коле Митановски-Кремчев и седумдесет и седум годишниот Трајан Ѓоргов кои си ги пасеа овците , ме прашаа каде сум тргнал во ова време, кого го барам и како можат да ми помогнат , за да не го губам времето попусто. Откако им кажав кој сум , што сум и од кај сум , си разврзавме моабет на долго и широко што се вели се за за нивното родно село. Пред печеесет и кусур години селово беше центар на Долно Мариово , вриеше патот од народ , овде доаѓаа селаните од Горно Мариово во Вторник и Петок навечер , преспиваа кај Сребре Анџијата и во анот на Ристе Чорбаџијата , за во Среда и Сабота заедно да одиме на пазар во Прилеп, само тогаш не одевме по новово џаде, туку одевме неколку часа пешки со добитците преку Кокречкиот Рид , а подоцна преку Лигураса со шумските коли и камиони и со реизот што идеа од Долно Мариово, ми велеше Трајан Ѓоргов. Речиси сето село порано работеше во рудникот за кварц “ Белуче “, арно ама пред дваесетина години му го ставија клучот и останав без работа.
Oвде во селово имавме и земјоделска задруга “Aгро напредок” имавме три продавници, пошта, осмолетка, дом на културата, амбуланта, месна канцеларија, полициска станица, плантажи со кајсии, праски, сливи, имаме две вештачки езера со изграден хидро систем за наводнување, се пропадна , само хидросистемот остана , благодарение на него по некое нивче наводнуваме во лето. Останав во селово иако куќа одамна имам направено во Прилеп, купив педесетина овци , а сега ги дотерав околу сто и печеесет, планирам да ги дотерам до двесте, има место каде да пасат , оваа пустелијава наша само за стока ја биват, само да бидат цениве како што се годинава , ќе биде добро, ми велеше Коле Митановски.
Пред година дена и продавницата се затвори, мака мачиме како да дојдеме до она што ни треба, сол , пипер, масло за јадење, или кибрит огон да запалиме. Одамна ја растурив осумдесетката, стари баби окапани останавме во селото, до Прилеп за натаму и за наваму со зајре нешто да купиш ни бараат илјадарка ,ова таксистиве , а ако порачаш нешто да ти купат исто пари ни бараат , како да сум со нив. Сама сум сега децата ми се во градот , не можат да дојдат и тие куќа куќиле, господ челат им дал, а и да дојдат што ќе ми прават, цела плата ќе ја потрошат, жал ми е за внучињата не можам да им помогам , ни ја раскажа својата мака Петра Галабова
Еве дојдов овде на средселово , да купам нешто од “Праматаров” му порачуваме да ни донесе вреќа брашенце и нешто друго за јадење , ќе ни дојде некој на гости за да не се усрамиме, не дека немаме, ама така е редот некое пивце или винце да оставиме на страна, во разговорот се приклучи и Јован Стојановски. Иако сум пензионер, со мојата бабичка поработуваме по земјичката што ја имаме, посадуваме малку тутунче и чувам некоја овчика ,на лето доаѓаат децата. Три ги имам , двете ми се овде близу , во Прилеп, третото ми е малку подалеку, во Скопје, ама додека ме држат нозеве ќе им помагам. За внучината работам , многу им се радувам, пет ги имам , нека ми се здрави и живи , цело лето се со мене, додека ова ми го кажуваше седумдесет и шест годишниот Јован Стојановски ,очите му играа од радост и возбуда
Еве дојдов овде на средселово , да купам нешто од “Праматаров” му порачуваме да ни донесе вреќа брашенце и нешто друго за јадење , ќе ни дојде некој на гости за да не се усрамиме, не дека немаме, ама така е редот некое пивце или винце да оставиме на страна, во разговорот се приклучи и Јован Стојановски. Иако сум пензионер, со мојата бабичка поработуваме по земјичката што ја имаме, посадуваме малку тутунче и чувам некоја овчика ,на лето доаѓаат децата. Три ги имам , двете ми се овде близу , во Прилеп, третото ми е малку подалеку, во Скопје, ама додека ме држат нозеве ќе им помагам. За внучината работам , многу им се радувам, пет ги имам , нека ми се здрави и живи , цело лето се со мене, додека ова ми го кажуваше седумдесет и шест годишниот Јован Стојановски ,очите му играа од радост и возбуда.
По шест до седум леба месам неделно, фала на бога што ме држи здравјето, не ми тежат толку годиниве колку самотијава , останавме само осумдесетина жители, овде во моево мало од десетина куќи само во две-три оџакот чади , нема со кого лаф муабет да направиш, ја имам само Петкана , со нејзиниот домаќин Блаже, и Стојанка , таа е најмлада
на сите ни помага и во лошо и во арно , ако не е таа не знам што ќе правиме, ми велеше Јана Стојановска , која во меѓувреме го ставаше веќе стасаниот леб во фурната да го печи
и се спремаше ручек да направи за својот домаќин
Во муабетот ни се придружи и деведесет годишниот Стојан Чачанот , кој ми велеше дека пред неколку години го напуштила бабичката , господ си ја зеде , ми раскажуваше, со солзи во очите , децата ми се во Прилеп, доаѓаат кога ќе дојдат, сам сум , сам останав во маалово. Ваков живот на никому не му посакувам да доживее. Се запусти селово , одамна нема детска смеа во него,
Старциве кои се останати живеат од тоа што самите со двете раце што ќе го произведат.
Од преостанатите осумдесетина селани во разговорот ни се придружи и Стојанка и нејзиниот домаѓин Ристе Мрланови . Имам шеесетина години , ама од пустава работа изгледам како да сум постара од тетка Јана , соседкава моја. Нозете и рацете не одат , лекарите велат реума е , ми се пожали Стојанка.Во селово ретко доаѓаат луѓе , па секој што ќе дојде е добредојден за малку муабет.Овде оклу селово имаме неколку кладенци од каде што се снабдуваме со вода за пиење, а нај јак е оној веднаш над селската црква “ Свети Димитрија” во летно време одиме по околните кладенци со магариња да наполниме неколку туби вода за пиење, а иако речиси во селово имаме изградено вововодна инфраструктура, водата која доаѓа од хидросистемот не е за пиење , со неја ги вадиме бавчичките и добитокот го поиме.
На муабетењето што се вели му нема крај. Денот во селото Дуње полека си заминуваше . Сонцето беше на заоѓање. Луѓето си имаа работа. Време беше секој да си се прибере дома.Го оставам убавото мариовско село Дуње . Ги оставам : Колета, Трајана, Петра, Јо вана, Јана, Стојана, Стојанка и другите да го чуваат селото Дуње, а деведесет годишниот Стојан Чачан пред да си заминам ме замоли со мојот фотоапарат да го сликаме со неговата бабичка Бабата Буца , како што си јавикал на галено , за последен пат, мислеќи на сликата што ја имаше во неговите старечки раце , за да ја видат неговите од градот , кога ќе дојдат , затоа што не може да појде во градот остарен е, ќе го чека крајот на својот живот во селото Дуње. Ќе го чува прагот , нема да ја затвори куќата, ќе живее заедно со неговото магаре Марко , со самотијата со осумдесетината селани од ова село , а заедно со нив и познатата песна “ По пат одам леле, за пат прашам, кој пат поди леле, за …село Дуње….таму седи леле, …Чучук Митра Бојаџиката”